Translate

Monday, December 9, 2013

УШТЕ ЕДНО ВИСКИ



Седев на средината од шанкот во барот преполн со безнадежните.
Додека  догоруваше цигарата а јас си го пиев моето трето виски по ред, се појавуваше  губеше твојот лик.Добро познатиот лик. Истиот оној кога последен пат ме прегрна,и иако сакаше не ми кажа збогум.Јасно го прочитав тоа од твојот машки поглед. 
Не успеав да се пронајдам себеси во твоите очи.Не ми даде доволно време, а го имаше сето време на овој свет.
Седејќи вака не знам зошто ме гледа кловнот кој седи на три метри од мене , десно.Зарем моево држење и мојава состојба која јасно се гледа од цврсто зафатената позиција на шанкот, му влева надеж. Можеби си мисли дека двајца неутешни, на крајот на краиштата ќе најдат заедничка утеха.
Но не се викаат бадијала неутешни, утеха нема.
Го гасам цигарето во пепелникот ,ја голтам последната голтка од вискито и порачувам уште едно.
Ми се врти во главата.Не не сум пијана. Да бев пијана ќе мислев дека гори барот, а сеуште добро знам дека она што гори е парче од мојата душа.
Како низ магла ги набљудувам луѓето. Луѓето се тажни, скршени, оставени , преварени.
Кому му е гајле...
Се вртам и пак те гледам пред себе. Ги грицкаш ноктите и ме гледаш од високо. 
Како да ми велиш, бадијала ако се сакаме. Сакањето е болка. 
Сакав да ти кажам дека болката е целиот живот. Болката е непријател само ако не ја прифатиме.
Но пак исчезнуваш без трага.
Како и секогаш. Како и првиот и последниот пат.
Се надевам нема да сретнам никој познат во барот.
Највеќе од се го мразам прашањето Што ти е ?
А уште повеќе го мразам кога ќе ме праша некој, гледајќи дека не сум најдобро.
Не би сакала никому да објаснувам оваа вечер дека венецот на љубовта се плете од нишки на преплетени прсти, долг бакнеж, прегратка и збогум . 
Ги гледам луѓето танцуваат. Можеби би станала и јас, но не ги чувствувам веќе нозете, а подот ми изгледа дека бавно се движи.
Ја кревам главата, право од мене огледало. Ја поправам фризурата и пробувам да се насмејам за самоутеха. 
Ќе помине и ова си велам.Млади сме. 
Она што е скинато, ќе го закрпиме.
Со погледот го барам келнерот.
Уште едно виски...

No comments:

Post a Comment