Translate

Thursday, December 19, 2013

КОГА ПРВ ПАТ..

Кога јас тебе прв пат те видов
Не знаев ни кое годишно време е .
Кога прв пат  те видов
Посакав да стојам само од другата страна на улица
И како странец слеп да поминам крај тебе
Толку ладнокрвно,
Што студот мој на душава , ти ќе го осетиш.
Кога прв пат ние прозборевме
Јас заборавив дека имам гребнатина
Која со години не зараснува.
Заборавив дека требаше да фатам такси
Или барем чадор да земам
Зашто таа вечер истураше ,
Небото се расипа плачејќи над нас.
Кога прв пат ти се доближив
Сосема не приметив
Дека веќе одамна доцнам на час.
Кога прв пат ти се доближив
Јас знаев дека ќе напишам песна за тебе
И потоа ќе ја препрочитувам
И ќе се смеам на глас
На сите платонски љубови.
И на оваа мојата .
За тебе...
Кога  прв пат те допрев ,
Срцето ми играше , мислиш на матурска е .
Срцето ми играше,
Небаре зурли пиштеа во мене внатре.
Кога прв пат те допрев , мене ми текна.
Ми текна,
Дека ништо не е невозможно.
...
Посакај, 
земи пијачка ,
насмевни се

 и чекај.

Monday, December 9, 2013

НА СОН МИ ДОАЃАШ УБАВЕЦУ



На сон ми доаѓаш убавецу.

Секоја ноќ кога ги спуштам клепките
Се прилепуваш некаде помеѓу моите склопчени дланки под перница.
Доаѓаш како да ми носиш победа.
Умирам а ти ми носиш серум и 
не трепнуваш дури го испивам до последна капка.
Ми леташ во сон како гулаб во синило
И ми го бакнуваш образот 
Додека желудникот ми се искачува во грлото.
Ми доаѓаш како 139 разбојника од еднаш,
Носејќи се што ќе видат пред себе,
Косејќи се што пулсира,
Ударајќи на се што е поголемо од срцево.
Ми доаѓа да врескам додека те гледам.
Додека ликот твој светлина зрачи 
И ме опива,
И ми пее акапела,
И со вино ме пои.
Вино кое е старо како нашата љубов ,
Пред која Aдам и Eва можат само да се засрамат.
И да пуштам крв и да клекнам пред тебе
и ќе ти се претплатам и вечно да се заколнам 
Дека остарена, убиена, или ладна , сепак
Ќе го поминам проклетиот ден 
Додека вечерта пак ми се вратиш.
Да ми никнеш на сон како прво кокиче на пролет.
Да ми влеташ со сабја и знаме 
Ко победа да ми носиш.
Ко серум кој ми е најпотребен оти крвта ми се заледува,
Да ми дојдеш, оти утрото не ќе го дочекам.

ПОСЛЕ СЕ, ЌЕ МИ ПРОСТИШ



После се ти ќе знаеш дека мораше вака да биде .
Јас никакако не умеeв да ти го кажав она што ти сакаше да го слушнеш.
И никогаш не успеав да те допрам 
Таму кај што твојата љубов обилно се излеваше за мене.
Очите се огледало на душата
Јас во твоите очи видов ранета срна, 
Лежи, тивко умира на снегот.
Можеби тоа бев јас ,
Можеби тоа беше твојата љубов
Кога таа вечер и зарив нож што подлабоко во плеќите 
И плачејќи истрчав од одајата на твојот храм.
После се 
Ти ќе знаеш дека јас сум тажниот кловн 
Кој ги забавува гостите до бесвест,
А кога светлата ќе згаснат се врти и плаче 
Секогаш не десната страна од креветот.
И ќе знаеш дека јас немав што да понудам.
Се смеев оти тебе ти беше убаво.
Трепкав за да не ми згаснат очиве тука пред тебе.
После се ќе ми простиш , оти мораш 
Оти мораш. Не можеш да ми се лутиш што не успеав.
Јас сум девојката што може 
Светот да ти го преточи од една дланка во друга ,
И да те успокои , и развесели , и израдува 
Како покана за на свадба,
Како она најубавото “добивте син”...
Но што со мојот свет, што со мојот ?
После се кога ќе видиш моја слика во весник 
На насловна,
Трагична смрт на девојка засега непознат идентитет
И ќе ме препознаеш ,
Ќе ми простиш , мораш . Мораш...
Не успеав да те сакам . 
Но те ослободив .
За љубов се потребни двајца.
За љубов се потребни две души
Јас мојата одамна ја изгубив.
Ете затоа мораш да ми простиш, затоа.

ЕДНО НЕШТО


Постои едно нешто 
Кое не прави она што сме секогаш кога сме сами 
Тоа едно нешто  е темно , светло
Боли и радува ,
Се всадува во нас 
И несетено заминува.
Тоа е она за кое се смееме,
За кое плачеме ,
За кое не има
За кое не нема.
Едно нешто кое ни почива на усните,
На перница ,
Под пазувите.
Постои едно нешто 
За кое се будиме
За кое веруваме
Едно нешто за кое јас пишувам.
Постои едно нешто 
Кое нема ниту крај 
Ниту почеток.
Ниту почнало
Ниту некогаш ќе заврши.
Постои едно нешто
Пред кое никој од нас 
Не е чист, 
И невин.

123..



Плачев на скалите 
Оти не успеав да го дофатам облакот
За да ти го подарам.
Треперев ко зумбул на прозорец,
А внатре се чувствував ко машина 
На која и фали најбитното шрафче.
Јас сум прашина во неонка 
Која дава алови бои.
Видов на сон девојка.
Девојка само по градник
И само една обетка на увото.
Ми се смееше.
Можеби ја исмеваше мојата љубов,
Оти  дванаесетте години 
Часовник не може да ги изброи.
Зошто толку си ми битен,
Еднакво на зеницата во моето око.
...оти си единственото венечно ливче,
На моето сакуру.

ВЕЧЕР ВО ОСУМ


За миг се најдов таму. 

Не можев да зборувам, само гледав наоколу и лебдев.
Неродените деца се превртуваа низ воздушната призма, старите чекаа во ред  да го предадат својот срцев мускул , во хартиена кеса , на првиот шалтер од  десно.
Не добив никакво сместување , ниту пречек , кога ме повикаа ми рекоа , разгледај , ако не ти се допаѓа имаш сеуште шанса да си одиш од тука . Пансионите се преполни. Ги примаме само они кои се сигурни . Ако решиш да си одиш , те враќаме вечер во осум .
Ми дадоа лист и пенкало . Време беше да напишам нешто за себе си ...
Се викам  Момсен и имам 20 години .
Се што знам е дека моментално од другата страна го губам својот пулс и се борам да дишам колку што можам подлабоко .
Ја видов светлината за која сите зборат . За тунелот лажат , нема никаков тунел. Само блага светлина доаѓа од никаде и те голта . И убаво ти е , нема што.
Не знам . еве сега додека седам тука во оваа белина, ги гледам насолзените очи на моите сестри кои ми го држат мокрото чело и помалата ме влече за ракавот .
Лебдам над себе си и незнам дали да си помогнам .
Дефиниција за рамнодушност .
Срцево ќе ми препукне ако не побрзам . а преку срцево ми е од се .
Во вакви ситуации обично палам цигара , но овдека пак не даваат да се пуши , ставиле толкав знак за известување, висеше во една празнина.
Сите мои мислења биле погрешни. Сите чувства залудни . зашто сега, токму сега , ноту  мислам било што , ниту чувствувам .
Тргнете ми ја косата  од устата  се гушам . 
Рацете почнуваат да ми откажуваат и телото почнува да се предава .
Ги гледам пред себе , во вид на кугла , закачени со штипка, сите спомени, сите насмевки, сите изгубени љубовници, сиот терет , се она што го грчеше моето тело и моите клепки, полека лебдејќи во воздухот прават  круг . 
Некој ме допре до рамото . – Не се врти , погледни и реши се , само миг или два се во прашање.
Додека долу го гледав моето младо тело , безнадежно и сколпчено , пред мене пак се појави светлото . 
Од некаде слушнав звуци на пијано . Класика . Ме мамеше да одам да засвирам . И тргнав чекор пред чекор заборавајќи на себе . 
Потоа ми текна .
Требаше  да се јавам во огласот кој го видов за станот што бев заинтересирана во центарот на градот , да го навадам цвеќето и да го нахранам мачорот. Кутриот сигурно е веќе гладен .
И требаше да се спремам и да излезам , бидејќи син ми сигурно ќе ме чека , мрази кога мајка му доцни. А потоа заедно ќе одиме на чај ...
Се вратив и го напишав своето име на огласната табла . 
Табла со список на оние кои вечер тргнуваат во осум .

НА КРАЈОТ ОД ДЕНОТ



Враќајќи се накај дома, зјапав од прозорецот на автомобилот.
Ги гледав уличните светилки. Ги броев една, па друга, па трета. Така сите по ред.
Не дека правев некоја битна работа, но беше прекрасно.
Ти ми беше во мислите . Ти си ми всушност секогаш во мислите.
Се гасеа светилките во моите насолзени зеници. Се плашев многу . Многу.
Се плашев за тебе, за мене , за нас. Но стравот е природна работа. 
Доказ дека постоиме , чувтствуваме и сме способни за било што.
Барав од небото да те прегрнам , макар на кратко.
Барав од себе си да прекинам пред себе секогаш да бидам ваква.
Продолжив да зјапам.
Размислував.
Ќе беше ли подобро никогаш да не се сретневме. 
Ќе беше ли подобро да останевме краток дел од вечноста заедно, колку што траат нашите животи.
Колку нежно се редеа светилкитее, една по друга.
Изгледаа толку безгрижно.
Како и да е тие се само онаа што се.
Јас сум онаа што пробувам да го откријам.
Стануваме наутро со матен поглед пред нас, не знаејќи за било што.Продолжуваме со денот насмевнати , кревки и пргави. 
Неколку лица, кои можеби ни значат , можеби не. 
Места познати и непознати.
Искршени клупи од паркот. 
Отисок од црвен кармин на чашата за вино.
Ледено топли прегратки. 
Тајни намигнувања за кои никој не знае.
Храна, муабет, кафиња, пукање на прстите.
Таму некаде далеку , е нешто што ни фали.
Тука некаде во нас е нешто што не копка.
А светот се движи.
А времето минува.
И ветрот не милува а ние забораваме да застанеме на миг и да го почувствуваме тој дар.
Како и да е .
На крајот од денот секогаш се враќаме на исто место.
Онаму каде што го оставаме она по кое копнееме да го оствариме.. нашите недосонети соништа.
На тоа место секогаш сме она што навистина сме.
Стануваме копнеж.
Сеуште сум тука...
Дали овие светилки копнеат по нешто?

ЛЕТ ВО НЕПОЗНАТО



Ќе летнам и 
Ќе оставам траг во времето 
Иако моето постоење е сосема безначајно.
Ќе ти постелам  црн тепих 
За да кога дојде денот 
Каејќи се клекнеш пред моите нозе.
И да го почувствуваш она 
Што јас го исплакав 
На портите кога си ја гледав рамнодушноста
Како полека се слева надолу низ удолнината.
Птици. 
Гледам само црни птици, гаврани разгракани,
Носат зло.
Те гледам и тебе 
Ожалостен, празен и јаден. 
Колку даваш, толку добиваш.
Те оставам таков,
Судбината ќе те собере.
Јас му се препуштам на мојот лет,
Лет во непознато.

ЌЕ ТЕ ЧЕКАМ




Ќе те чекам

Ќе те чекам вечно ако треба.
Нека се онесвести часовникот од вртење, 
Нека се искинат годините од минување, 
Нека испука кожата од староста , 
Јас ќе те чекам .
Ќе те чекам и кога знам дека нема да дојдеш ,
И кога знам дека ти си тука јас сум таму..
И кога ќе знаеш дека веќе ме нема.
Ќе те чекам додека сите возови не заминат, 
Додека сите води не пресушат,
Додека  сите души не згаснат.
И додека нечија туќа силуета 
Ти се мота по мислите,
И мечтаеш по нешто ново ,
Непознато за нашето некогашно,
Јас ќе те чекам предадена на времето.
И кога ќе се вратиш на старото место
Да се исплачеш горко оти животот знае да боли ,
Ќе видиш цвеќе сеуште неовенато,
И свежина во воздухот  која те гали,
Ќе знаеш дека јас сеуште те чекам .
И ќе ти се смеам,
Оти те чекам долго долго
А годините  вештерки ,
Не ми можат ништо,
Љубов моја ...

ПРОНАЈДЕНА



Само што се разбудив од сон . 
Чувствувам бол во р бетот.
Овој зид пред мене . 
Oвој зид е истиот на кој бесна ги фрлав пoлните чаши ,
И ги кинев старите фотографии , 
На пола , 
На уште по пола, 
На најмали можни парчиња.
Душата си ја кинев.
Овој зид ја има почувствувано мојата бол.
Промаја во душава.
Не, 
Ова не се моменти кога сакаме да исчезнеме , 
Да не нема,
Траг да не оставиме.
Ова се моменти 
Кога пеколно им се молиме 
На сите богови во кои веруваме и не веруваме , 
Кога и се молиме на природата , 
На се што е живо и мртво , 
На се што е полно со надеж.....
Надежта која ние ја изгубивме , 
Оти сме млади и затворени во себе, 
Оти сме млади и неискусни, 
Оти сме млади и не заболе за светот.
Се молиме да бидеме пронајдени .
Се молев и јас .
Секое утро додека креветот го чувствував ко спомен плоча,
Секоја вечер во темницата 
Која никако , ама никако не ја сакав .
По секоја мокра улица ,
Упатувајќи им насмевка на чистачите.
Се молев  тивко да не ме чуе ѓаволот 
За моите желби,
Да ги притаи со зло.
Секој нов ден, се помалку утра ни остануваат .
Се трошиме , тивко несетено,
Секој нов ден малку по малку.
Секој нов ден се молам
Одново и одново,
За да бидам пронајдена,
Пред да бидам заборавена.

НЕМАМ ШТО ДА ИЗГУБАМ



Ќе дојде ден ќе заминам.
Ваквите како мене не пуштаат корења никаде.
Ќе морам еден ден , знам .
Се плашам од губење јас. Единствената работа од која се плашам.
А се плашат само кукавиците. Оставаат за да не бидат оставени .
Ќе речеш... 
Остани. Поклони ми ја само уште оваа ноќ.
Спушти ги куферите ...овдека е твоето се .
А што можам јас со ова мое колебливо срце кое знае само да сака .
И може и ќе ти ја остварам и таа желба . Воедно и мојата .
Ќе  останам . Ќе зборуваме долго. 
Ќе ти зборувам за моите стравувања.  Ќе пробувам да најдам начин да не заминам  иако знам дека тое ми е предодредено.
Ќе се стуткаме заедно и ќе плачеме до сабајле. Како на оние досадни филмови каде главните ликови се само големи будали . се глупираат саат време и пак завршуваат заедно . 
Хепи едн... а да е среќен тогаш нема да е крај . зашто среќата и љубовта се единствените кои ако се вистински немаат крај .
Не те оставам јас тебе . тука останувам , само дел од мене заминува. Посилно е од мене , еднаш ќе сватиш . 
Кога сум сама нема што да изгубам . а ако те изгубам тебе сега, не знам како ќе го преживеам тоа.
Еден ден ти ќе сакаш и за двајцата. Ќе ме паметиш . И јас тебе ќе те паметам .
Може ќе се сретнеме случајно во некој ресторан по многу години . ќе седнам зад тебе и ќе те гледам долго , долго . така како што прават поетите, потоа пишуваат сведовштво за  постоњето на љубовта. Сосема несфатлива работа..
Ти ќе имаш некој друг . Ќе ме имаш и мене сеуште, иако јас тебе не .
Ќе те гледам долго , и нема да се плашам од ништо во тој момент .
Зашто веќе нема да имам што да изгубам .

РАЈ ВО ДУШАВА


Се почесто почнувам да те гледам
Ти подавам раце, а ти низ магла ми бегаш.
Не можам да те видам, само те чувствувам.
Те чувствувам како силен дамар во градите,
Како срце распукано на ладен бетон,
Како кратко пецкање на усните.
Не барам ништо од тебе , не плаши се
Залудно е се што ќе помислам дека можевме да имаме.
Врата. 
Дека на една врата двајцата заедно ќе влегуваме
И ти секогаш ќе ми дадеш преднос прва да отклучам.
Ќе ми дозволиш кафе да ти сварам 
И сите зидови да ги обојам зелено.
Да го разгалувам нашиот син до бесвест,
И да плачам по нашите неродени деца.
Секогаш кога ќе падне караница 
Да ти велам .. не , не плачам 
Ми влезе слон во око, а ти да ми се изнасмееш и да заборавиме на се.
Да го чуваме нашето свето 
како се на светот .
.....
Фотографија на зидот.
Јас и ти , во бело и црно.
Јас и ти со насмевка до уши.
Јас и ти со прсти испреплеткани,
Јас и ти заколнати еден на друг.
Не ми беше само да ме видат со тебе,
Ми беше секогаш кога ќе станам наутро,
Во огледало да се видам другата себе си.
И тебе до мене ,
И раце околу половината,
И рај во душава.

МЕСТО МЕНЕ ЛЕТАЈ



Еднаш јас бев сакана/
Тогаш се чувствував 
Втор пат како новороденче.
Бев цвет во коса,
Бев јакиот мирис на твоето турско, јако..утринско.
Застанав таму.
Таму на мокрите тротоари
Портокаловите покриви
И розевите крошни на црешата
Каде се подигнав на прсти да те бакнам.
Те кријам под пазувите
Од случајните минувачи,
И те тајам во себе си 
Од страв ветрот да не ми те разнесе.
Еднаш бев ангел ,
И те чував толку многу,
Сосема доволно за да те изгубам.
Ги оставив крилјата онаму
Каде што ти ми го покажа
Своето крваво срце.
Врати се , земи ги 
И место мене, летај.

ЈАС БЕВ ПРВАТА



По се..
Јас бев првата 
Која ти кажа дека 
Во чело се бакнуваат оние луѓе кои највеќе ги сакаш.
Јас бев првата која ги
Стави своите раце на твоето лице 
Те  бакна на врвот од носот
И ти посака убав ден.
Јас бев онаа која те чекаше нервозно цела вечер
Викајќи и кревајќи паника со саати подоцна.
Јас бев првата која ти рече..
Губи се, не те сакам.
Врати се, жалам.
Не оди сега, ми требаш.
Јас бев онаа која те научи 
Како зборовите многу малку значат
И дека се се сведува на
Погледи, воздишки, прегатки и разбирање,
Јас бев единствената која ги трпеше сите твои срања
И љубомони психоделични напади.
Јас  и само јас бев онаа 
Која трпели те учеше со месеци и години
Како вистински и несебично се сака.
...
Иако не мора мене, не мора.

МЕ САКАШ ЛИ



Се вртам во истиот круг веќе по илјадити пат. 
Оваа шума ми е доста позната, секогаш заглавувам тука кога тргам да го барам делот од душата кој ми недостасува.
Камења и свежа вар. Продолжувам да трчам 
Ме сакаш ли, ме сакаш ли, ме сакаш ли?...  
Сегде околу мене ехо,  кое ме излудува кое ми го дразни телото.
Сакам да избегам , да се спасам.  Чудни стебла ми ги обвиткуваат нозете .
Ледениот воздух ме поти, очите ме печат. 
Небо нема . нема птица да прелета, нема ниту еден знак дека тука постои живот освен страшниве џиновски дрвја кои кријат нешто што е моее.
Не се сеќавам на моето минато, не ја очекувам иднината.
Ја сум залутан дух некаде во светот на празното и од мојата усна празнина излегува само тежок здив и ..ме сакаш ли, ме сакаш ли, ме сакаш ли?...
До смрт сум преплашена. Ја преминав линијата што никако не смеев.
Ги поместив своите граници, се излажав  и се лизнав од луспите на сопствените ветувања.
Сега сум овде заробена. Жртва. Исплашена. Темнина. Студенило.  Крик.
Некој дивјачки завива од далечината, јас чинам во мене е , нешто во мене завива.
Трња. Трња газам и не се поместувам .
Црна силуета стои крај изворот. Очи нема , а ме гледа, директно во мене гледа.
Посакува да ме прегрне. Ко преплашена срна се залетувам во неговата прегратка ии... прашина се се стори. Се одби од мене и се растури на сите страни .
Се наведнувам и го собирам секој микро дел од прашинката и држејќи ја во дланката липам, ме саакаш ли, ме сакаш ли, ме сакаш ли?...
Патот сеуште е тесен и стрмен. Сенки на стари , млади ,деца летаат над мене .
Молев во себе. Им се молев на звездите да ми го покажат патот . 
Дали е ова afterlife си помислувам.
Дали е ова она нешто во кое верував дека се ќе биде поубаво. 
Дали е ова нешто низ кое сите мора да поминеме, или само јас.
Времето минува, а јас со годините доцнам, заглавена тука.
Пред мене езеро . Стаклено , сиво езеро. Ми мириса на смрт, ми личи на рај.
Се доближувам тивко на разранетите прсти.  Ја тргам косата од очите и се загледувам поубаво.
Преубава женска силуета си го трие лицето со водите, спокојно седејќи на еден камен.
Носи бела кошула. Чиста . Нова.
Се препознав . Јас  во некое друго време. Јас во нешто што го очајно барав.
Се доближувам уште повеќе.
Ја гледам силуетата. 
Тивко, мелодично ми шепоти како да ме успива и полека се спушта во водата...ме сакаш ли, ме сакаш ли, ме сакаш ли?...

АКО ЖИВОТОТ Е САМО СОН



Шизофренија.
По којзнае кој пат  размислувам за истото.
Се вртам ко ненормална по собата .
Ги прескокнувам вдлабнатините од тепихот.
ја држам пепељарата во една рака, 
цигарата во друга , и пеаам.
Пеам од среќа од тага 
Не е битно .
Кога пееш  сеедно ти е 
Дали надвор постои свет или не .
Секогаш ќе знам што точно не сакам.
Ама никогаш баш никогаш што сакам.
Справувањето со самата себеси 
Ми оди потешко и од математика.
Си ветив дека ќе престанам да ги следам сите зајдисонца
Ми ствараат тага ,
А увек ја отворам ширум терасата у 7 попладне 
И молчам и зјапам некаде.
Ми рекоа дека премногу се замарам со иднината 
Не можам. Ова не престанува ...
Ми рекоа и дека сум будала.
Никој на светот не ја одгатнал тајната на постоењето 
А јас сум упорна во таа работа.
И тоа ме излудува.
И си мислам ..
Ако животот , ако овој живот мој е само сон ,
...
Што ќе стане ако се разбудам ?

ВО ЗАБОРАВ



Ќе те испијам ко вотка на екс.
Ќе те издувам од себе како димот од цигарите
Ќе си поиграм со тебе 
како што секогаш се глупираме  пијани
на клупите со друштвото.
Ќе те испејам во весела песна на  венчавка.
Ќе те исплачам во тажна песна 
Плачејќи и гушкајќи си ги колената.
Ќе тe стуткам во клопче 
Заедно со останатото ѓубре од масата
И ќе те фрлам  без ич око да ми трепне.
Ќе те  соблечам како стар капут 
Кој го носам трета зима по ред
И го мразам од дно на сржта.
Ќе те прокоцкам на ново лото
Во  средата.
Ќе те заборавам на масата од кафичот,
Заедно со се празната пакла .
Ќе те напишам на лист 
И од него ќе направам бродче од хартија
И ќе те дадам на некое дете 
Да те пушти во водите 
На кои не им се знае крајот.
Ќе те гасам и гасам 
Со секое мое трепнување .
Темнина ќе станеш.
Ќе ти купам карта во еден правец ,
Ќе ти ги врзам очите да не го запаметиш патот назад до мене
И ќе те пратам во заборав .

САКАВ ДА ТИ ДОЈДАМ



Сношти сакав да ти дојдам.
Тивко на прсти, да ти се впијам под кожа.
Да ти дојдам ,
Да ти танцувам,
На усни да ти шепотам.
Нарачав вечност само за нас,
Додека пиеме од виното на младоста,
Ќе пристигне со домашна испорака.
И нема да те пуштам до зори.
Се додека небото не го вклучи своето светло, 
Се додека јас не посакам да те пуштам.
И додека земјата ротира,
И часовникот ги исмева помалата и поголемата стрелка
Ќе ти покажам  кои се малите тајни
На онаа со кое се преокупирани сите,
Љубовта.
После ќе ти дозволам да се одмориш.
А вечер...
Вечер пак ќе ти дојдам.
Тивко на прсти, да ти се вгнездам во прегратка.

ДА СЕ РОДИШ ПАК



Не знам дали секој пат
Ова е почетокот на крајот
Или крајот на секој нов почеток.
Само знам дека се молам да престане.
Солзите кои не пресушуваат,
Од очите жедни за живот.
Никогаш нема да ги простам 
Мокрите прекривки,
Кревкото треперење
И крцкањето на ребрата
Со тупаници длабоко зариени во нив.
Тој ден без избркана од рајот.
Го проколнав она што го имав,
И ги продадов старите дијаманти .
Никој дотогаш не ми ни спомнал
Дека среќата не се купува.
Сега веќе не е ни важно,
Иако уште се молам да престане.
Кога еднаш ќе зажалиш за нешто,
Ништо друго не ти останува
Освен да чекаш нешто
Што знаеш дека никогаш нема да дојде.
Некои тоа го викаат лудило.
Знаеш...
Мора да умреш
За да се родиш пак.

СОНЦЕ МОЕ



Сонце мое 
Мора да си блаженство 
Кога си извор на мојата светлина.
Не заминувај , прегрни ме.
Мојата љубов е фотосинтеза.
Остани и донеси ги своите куфери 
Во моите просторни илузии.
Сакам кога ме прашуваш секој ден
Зошто кафето е погорко,
И ми велиш 
Мораш да ме сакаш.
И те сакам . 
Силно силно..
Како морето својот брег.

ТРЕБАШЕ



Требаше да трчаме под прскалките 
Фатени за рака , заедно, 
Кога ти реков .
Требаше да  се тркаламе негде од високо.
Требаше да се сликаме  во апарат од 90сетите
Многу сакав да имаме таква слика 
Да ја носам во десниот џеб.
Требаше да  танцуваш со мене таа вечер,
не ќе заминев гневна во туѓи раце.
Требаше да знаеш дека 
Секој мој поглед има свое значење,
Секое гризење на долната усна 
Имаше врска со тебе .
Требаше...
Да те чувам .
Да ме чуваш.