Translate

Sunday, March 30, 2014

ПОГЛЕДНИ НЕ

 Долга јакна ме враќа наназад.
Чинам, не се копчаше до горе.
И плаво небо, јато птици, кои никогаш не се вратија.
Погледни ме .
Мрежница си ми во очите
Пред овој свет кој треперам .
Војна имашe, се сеќаваш?
Замислени погледи и зашиени усни бевме
А срцето крвари и колената клецкаат.
Дали стравовите на мојата мајка
Се поскапи и повредни
Од стравовите на нечија туѓа.
Или страдањата на кантар не се мерат,
Бидејќи како времето кое се мери со круг а не кантар
Се бесконечни, може вечни...
Семето што го посеавме
Еден ден ќе никне,
А нашите деца ќе го наберат
И в гроб ќе се превртуваме  
Оти тогаш наместо да се љубиме
Гаѓавме со камења по душите
Кои од ист хаос ни се направени .
А песната што ја пее селанецот  онаму на ридот
Од ден на ден е се потажна и потажна.
Месечината е мајка ни која плаче
Зашто не гледа како гинеме
И гиневме и ќе гинеме
А сонце не ќе дочекаме.
Долга беше јакната, до колена .
Црвена .
Ме враќа назад .
Со модри , испогребани дланки
Се држевме и бегавме од небото над нас.
Сигурно не се копчаше до горе.
Ама омилената ми беше.
Така си гледав
Плаво небо, јато птици кои никогаш не се вратија.

Погледни не ...